На Дрисла, Еко едукација!

Младите најдиректно за отпадот и заштитата на животната средина

Во рамките на проектот “Дојдете да се запознаеме – Поздрав Мистер Дриско“, денес депонијата Дрисла ја посетија над 150 учесници. Особено е важно да се истакне дека во најголем дел од учесниците беа најмладите кои покажаа исклучителна заинтересираност за заштитата на животната средина. Учесниците имаа можност лично да видат што се случува со отпадот кој доаѓа на депонијата Дрисла. Генералниот директор, Горан Ангелов како домаќин, на гостите им ја покажа Дрисла и им ги објасни современите технологии за управување со отпадот, а стручно беше објаснет и патот на отпадот од домаќинствата до неговото професионално третирање во единствената регуларна депонија во Македонија. Во делот на еко едукацијата важен е сегментот на креирање на услови кои треба да создаваат навики за примарното и секундарното селектирање на отпадот а се со цел грижа за животната средина. Овој вид на проекти се важни и од аспект што се придонесува за подигнување на јавната свест кај најмладите. Покрај тоа што имаа можност на лице место да се запознаат како работи една современа депонија, младите можеа во директна комуникација да ги прашаат и првите луѓе на Дрисла за сето она што ги интересира околу отпадот и заштитата на животната средина.

Реализацијата на проектот “Дојдете да се запознаеме – Поздрав Мистер Дриско“ е во организација на Здружението за заштита на животна средина НОВ ИМПУЛС од Скопје, во соработка со ДРИСЛА – СКОПЈЕ  и италијанската фирма ФЦЛ АМБИЕНТЕ.