МОРСКАТА СОЛ ГЛАВЕН ПОКАЗАТЕЛ ЗА ПЛАСТИЧНОТО ЗАГАДУВАЊЕ!

Алармантно: Дури 90 проценти од морската сол содржи микропластика!

Според најновата студија на Национална географија, која ги набљудувала морските, карпестите и езерските соли, дури  90 проценти од брендовите за сол што се продаваат ширум светот содржат микропластика.

Ваквите откритија научниците ги презентираа уште пред неколку години, но, никој не ја сфаќаше состојбата за толку проблематична.

Национална  географија објави дека истражувачите во Јужна Кореја и во Гринпис во Источна Азија тестирале 39 брендови на сол, од кои дури 36 содржат микропластика.

Примероците од солта доаѓаат од 21 земја во Северна и Јужна Америка, Европа, Азија и Африка. Трите брендови коишто  не содржат микропластика се:  пречистената морска сол од Тајван, рафинираната камена сол од Кина и нерафинираната морска сол произведена од соларното испарување во Франција.

Студијата покажува дека густината на микропластика во солта варира помеѓу различните брендови. Тестираните азиски брендови на сол содржат највисока концентрација, особено  солта што се продава во Индонезија. Неповрзана студија од 2015 година покажа дека Индонезија  го има второто, најлошо  ниво на загадување од пластика во светот.

Истражувачите откриваат  дека микропластичните концентрации се највисоки во морската сол, за разлика од езерската  и камена сол.

Оваа најнова студија проценува дека на годишно ниво човекот во организмот преку солта внесува  дури 2.000 микропластични честички. Колку тоа е штетно и ризично по човековото здравје, поради празнините во знаењето и несогласувањето на податоците во повеќе од 300 микропластични студии, сепак останува мистерија.