Замислете сплав на езеро опкружено со розови и црвени цветови, а вие не можете да го догледате крајот.  Тоа е „Морето на Црвениот Лотос“, во Североисточниот Тајланд – 42 квадратни километри на прекрасни цветови на лотос, за кои имате впечаток дека лебдат.

Се наоѓа во провинцијата Удон Тани. Името на езерото е официјално Нонг Хан Кумппапи, но локалните жители го нарекуваат Талај Буа Даенг, што во превод значи морето на црвениот лотос, соодветно име што ни ја доближува реалната слика за оваа преубава градина.

Секоја година, од ноември до крајот на февруари (по дождливата сезона), милиони црвени лотоси цветаат. Тие го покажуваат својот целосен, чудесен, широко распространет цвет на кој можеме да пловиме како на пловечки розов ќилим, во декември и почетокот на јануари.

Слатководното езеро е посебно место за околните жители поради многу причини. Практично, тоа е примарен извор на реката Пао, која ги храни луѓето од провинцијата Удон Тани. Духовно, лотосот е свето цвеќе. Тоа е традиционалниот цвет на будизмот и е симбол на  женската убавина. Во 2001 година, тајландската влада го прогласи за езеро со меѓународно значење.

Ако сакате да го добиете целосниот впечаток, ќе треба езерото да го посетите рано наутро, бидејќи цветовите се целосно отворени наутро. Цветовите се затвораат околу пладне за да се скријат од сонцето, а доколку е облачно, тие се отворени од изгрејсонце до неговото заоѓање.