МОЈ ОХРИД, ЧИСТ ОХРИД – АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАДОТ

Во пресрет на претстојната летна туристичка сезона, денес во Охрид беше организирана еколошка акција за чистење на градот. Акцијата под мотото “Мој Охрид, чист Охрид”, организирана од охридските медиуми, еколошки  и спортски друштва, а подржана од локалната-бизнис заедница и локалната самоуправа, имаше за цел, чистење на централното градско подрачје, како и чистење на плажите долж Охридското крајбрежје, почнувајќи од населбата Воска, па се до хотелот “Десарет”.

Охриѓани масовно се одзваа на акцијата и беше забележано присуство на голем број на граѓани, кои се потрудија да дадат свој значителен придонес во чистењето на градот и негова подготовка за пречек на летната сезона и новите туристи.

За учесниците во акцијата беа обезбедени работни помагала, како вреќи за собирање отпад, ракавици и вода, а на теренот беше достапна и помошта од екипите на “Црвениот Крст” на Р. Македонија.

По должината на Охридското крајбрежје беа формирани повеќе собирни пунктови за прибирање на отпадниот материјал, кој подоцна ќе биде отстранет од теренот со помошта на ЈП “Комуналец” од Охрид.

Од разговорот со самите учесници во оваа еколошка акција дознаваме дека, воглавном, се работи за собирање на отпадоци од пластични материјали, како шишиња, кеси, и најразличен вид на амбалажа, претежно оставен од несовесни граѓани.

Исто така, планирано е и чистење на дното на  самото езеро во населбата Пештани, за што се ангажирани нуркачите од клубот за подводни активности “Охрид”.