“Гужвите во и околу урбаните подрачја моментално предизвикуваат трошоци кои изнесуваат 100 милијарди годишно, воедно преку 400.000 предвремени смртни случаи се директно поврзани со загадувањето на воздухот”.

Во 2020 година, темата на Европската недела на мобилност е “Мобилност за сите без емисии”. Ова е одраз на амбицијата да има јаглеродно неутрален континент до 2050 година. Целта на овогодишната тема е да покаже дека пристапноста до превозот без емисии е важна и да промовира инклузивна рамка која ќе ги опфати сите чинители, граѓаните, граѓанските организации, локалните власти и компаниите.

И покрај различните климатски, географски и социо-економски услови во урбаните подрачја во Европа, можат да се преземат мерки за да се овозможи јаглеродно неутрална и инклузивна урбана средина. Поради тоа, Европската недела на мобилност 2020 ги охрабрува граѓаните и локалните власти да преземат чекори за да ја постигнат долгорочната цел, односно јаглеродно неутрален континент.

Иако исполнувањето на целта на долгорочната стратегија е во далечна иднина, директните мерки за намалување на загадувањето, јаглеродните емисии или сообраќајните гужви може да имаат брзи ефекти. Гужвите во и околу урбаните подрачја моментално предизвикуваат трошоци кои изнесуваат 100 милијарди годишно, воедно преку 400.000 предвремени смртни случаи се директно поврзани со загадувањето на воздухот. Поради тоа, воведувањето на долгорочни мерки, како што се поттикнување на велосипедизмот и пешачењето, како и воведување јавен превоз кој е со ниски емисии или е јаглеродно неутрален, ќе даде низа позитивни и брзи ефекти.

Затоа секоја година Министерството за животна средина и просторно планирање со ЕУ ја организира оваа, во самата суштина европска но се повеќе и светска кампања, за да се подигне јавната свест за улогата и позитивните ефекти кон кои секој граѓанин, граѓанска организација или пак општествено одговорни компании можат да дадат голем придонес со менување на своите секојдневни навики или пак со преземање на акции за мотивирање на вработените преку избирањето на нови начини на транспорт да бидат поодговорни кон состојбата со воздухот во урбаните средини и кон животната средина во целина.

Извор: https://www.facebook.com/evropska.nedela.na.mobilnost.MK