Тимот истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон (Imperial College London ) , предводен од Клер Вилкинсон, од Катедрата за животни науки, спроведе  научна студија, за тоа како сечењето на шумите и нивна трансформација во плантажи на маслодајни палми влијае врз биодиверзитетот на рибниот свет. Како дел од проектот, земени се примероци од 23 потоци во Борнео, и при тоа утврдено е дека и целокупното сечење на шумите и селективното одбирање на одделни видови дрвја има подеднакво штетно влијание . Тимот пронајде пад на биодиверзитетот на рибите – бројот на различни видови на риби, при секакво уништување на шумите, без разлика за кој вид на дрво станува збор. Истражувачите се надеваа дека степенот на оштетување ќе варира во зависност од големината на сечата, но, се најдоа изненадени, оти студијата го потврди спротивното. Утврдено е дека сите регистрирани реони следени во студијата доживеале драстичен пад на рибната разновидност, без оглед на големината на уништениот шумски фонд, видот на шумата, како и дали промените се од неодамна или од подалечното минато. Различни видови животни реагираат на ваквите промени на често сложени начини, а кога станува збор за слатководните риби, последиците се шокантни и загрижувачки. Се верува дека причините за ваквите промени резултираат од неколку фактори. Дрвјата со својата крошна обезбедуваат сенка , особено постарите и повисоките, кои воглавном се и плен во ваквите селективни сечи. Понатаму, ги регулираат водните струи, значајни за животот и мрест на слатководниот свет, а лисните отпадоци  помагаат да се задржат струењата и да се концентрираат извори на храна. Губењето на шумите ја зголемува ерозијата на почвата и се повеќе седименти завршуваат во потоците и реките што  доведува до создавање на помали и пошироки потоци, притоа ограничувајќи ги видовите кои можат да ги користат таквите живеалишта.

Маслодајните плантажи за да бидат етикетирани како “одржливи”, мора да вклучуваат крајбрежна – тампон зона од најмалку 30 метри, но, во ниту еден од испитаните случаи, следени во студијата, присуството од 30-метарската тампон зона  не придонела во смисла на обновување и шареноликост на водниод еко систем.  Пораката на студијата и на нејзините предводници е дека тековните заштитни мерки не се доволно добри, не даваат приоритет на заштита на недопрена шума и не го штитат рибниот свет, тргнувајќи од фактот дека истиот е извор на храна на локалното население.