МАКЕДОНИЈА ЛИДЕР ВО ЗАГАДЕНОСТА!

Европската агенција за животна средина ја рангираше Македонија како најзагадена земја во Европа. Извештајот од агенцијата укажува дека нивото на загадување е далеку повисоко од стандардите, коишто ги имаат поставено ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО).

Просечното годишно загадување на воздухот во Македонија со ПМ честички во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани со Директивата на ЕУ за квалитет на воздухот, кои од 1 јануари 2015 година се задолжителни за сите земји-членки. Просечната измерена годишна вредност на ПМ10 честички од 173 микрограми на метар кубен е повисока  4,5 пати од граничната вредност од 40 микрограми на метар кубен.

Не само што станува збор за  загаден воздух кој по количината на ПМ честичките далеку ги надминува дозволените граници, туку алармантна е ситуацијата што тоа се случува во текот на цела година, надминувајќи ги максимално дозволените денови. Од 2005 година, кога е поставена мрежата за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, граничната вредност на загадување била надминувана и до 280 дена – што е осум пати подолго од дозволените 35.

Во услови кога загадувањето е алармантно, загрижува и фактот што повеќето мерни станици во државата не се во функција, не ги мерат параметрите  и не испраќаат податоци до Министерството за животна средина, така да граѓаните со месеци не можат реално да се информираат за нивото на загадување на воздухот во дел од најзагадените подрачја во земјава.

Скопје, Тетово, Куманово, Битола,  …. водечки во државата – градови каде граѓаните буквално дишат отров!

Екологистите реагираа: ”Не е во ред 160 000 евра државни пари наместо за еколошки проекти да се  пренаменат за други потреби – референдум. Мора да се почитуваат приоритети,  недозволиво е пари за животна средина да бидат приоритет за политички одлуки” .

Од министерството за животна средина велат дека долги години ги анализираат причините за состојбите со загадувањето и дека во овој момент исполенти се многу предуслови  за решавање на проблемите со животната средина. Од Град Скопје велат дека константо работат на решавање на проблемот со загадувањето, дури и во месеци кога Скопје не е загадено.

Има добра законска регулатива, но проблем е што истата не се почитува.

И додека надлежните на домашен терен  работат на изнаоѓање конкретно решение во борбата за аерозагадувањето, Европската агенција за животна средина ја рангира  Македонија на прво место, како држава каде граѓаните дишат дефинитивно најзагаден воздух, а Тетово како еден од десетте најзагадени градови во Европа.