Македонија не е првата држава во светот која се соочува со загадување на воздухот и треба да ги искористи добрите практики од други земји за да се справи со овој проблем. 

Скопје 09.01.2018 Фото: ЕКО РЕПУБЛИКА

Додека кај нас недостигаат стратегиски и долгорочни решенија, Владата на Велика Британија е тужена веќе по трет пат годинава поради загадување на воздухот. Високата загаденост секоја година предизвикува 40.000 рани смртни случаи на британското острово, пишува „The Guardian“.

Имено, адвокатите за заштита на животната средина „ClientEarth“ веќе два пати ги поразија на суд британските министри, принудувајќи ги најкасно до јули годинава да изнајдат нов план за загадувањето. Но, „ClientEarth“ не верува дека најновата стратегија ќе ги исполни законските услови за прочистување на токсичниот воздух во „најкус можен рок“, како што бараат светските закони и стандарди.

„Неуспехот на владата на Велика Британија за справување со енормно аерозагадување во оваа земја значи дека немаме друг избор освен да преземеме правни мерки“, рече Џејмс Торнтон, извршен директор на ClientEarth. „Потребни ни се јасни и конкретни стратегии од владата и затоа сме принудени да се вратиме на суд”, потенцираше Торнтон.

Во октомври минатата година “ClientEarth” испрати правно писмо до министрите во кое ја истакнаа нивната загриженост за воздухот. Но, реакцијата на владата беше несоодветна. Поради тоа адвокатите поднесоа тужба за судско судење. Британската влада веќе потроши 370,000 фунти од парите на даночните обврзници во неуспешните обиди во судски борби против организациите за заштита на животната средина.

Според ClientEarth, неприфатливо е да нема никаква акција во 45 општини каде има преголемо загадување на воздухот.

„Време е министрите да станат свесни за големината на проблемот и да почнат да носат одлуки потребни за решавање на проблемот“, рече Торнтон. Според него, во претстојниот буџет треба да се направат и даночни промени за дизел автомобилите. Целта би била да се направат овие возила помалку атрактивни за купувачите.

Загадувањето на воздухот во Велика Британија, секоја година предизвикува околу 23.500 рани смртни случаи од азот диоксид (NO2), зголемувајќи се на 40.000 годишно од други загадувачи. Во октомври 2017-та година пак, извештајот за предвремени смртни случаи од загадувањето на воздухот во Велика Британија изнесуваше рекордни 50.000 годишно.