Љубљана-град без отпад!

Како што пишува Guardian, Љубљана е првиот главен град во Европската Унија кој се обврза отпадот да го сведе на нула или да стане град без отпад. Овие активности започнаа уште од 2002 година со селектирање на хартијата, стаклото и пластичната амбалажа во посебни контејнери, а од 2006 години  се започна и со собирање на биоразградлив отпад, на принципот од врата до врата. Од 2013 година секое домаќинство во градот доби корпи за селектирање хартија и амбалажа.

Како резултат на овој систем на менаџирање со отпадот, Љубљана од град кој во 2008 година рециклираше само 29,3%  од отпадот и заостануваше зад другите европски градови, денес тој процент е зголемен на 68%, а на депоните се носи 80% помалку отпад. Со овој воспоставен систем на менаџирање со отпадот, Љубљана е на самиот врв меѓу европските градови кога станува збор за рециклирањето, а во градот денес се продуцира само 115 кг отпад по жител годишно.

Со отворањето на регионалниот центар за управување со отпад во 2015 година денес се опслужува речиси една четвртина од територијата на Словенија. Во овој центар се преработува 95% од материјалите кои може да се рециклираат, а само 5% од отпадот оди на депонија. Исто така  во овој центар био-отпадот се претвора во цврсто гориво  за градини. Со развојот на најмодерната фабрика во Европа за третирање на биолошкиот отпад, се направи голем исчекор во реализирањето на  целта, до 2025 година да се рециклира најмалку 75% од отпадот во Љубљана.

Собирањето на био-отпадот подделно од другиот вид на отпад со закон ќе стане обврска во цела Европа до 2023 година, а Љубљана е речиси две децении пред останатите градови.

Со тоа Љубљана се наметнува како лидер помеѓу европските метрополи во управувањето со отпадот и оставрување на целта град со нула отпад – (zero-waste).