LEX SPECIALIS ЗА ВОДНО ПОД ИТНО! – граѓанските активисти продолжуваат!

Најновите активности на Водно, а во врска со пробивањето на новиот пат низ парк-шумата, повторно ги крена на нозе активистите на граѓанската асоцијација „Го сакам Водно“. „Мистериозниот пат“, како што го нарекуваат е уште еден пример на надлежните за несовесно постапување со заштитените подрачја.

Од Град Скопје демантираат  дека е пробиен пат на Водно и негираат поврзаност на мистериозниот пат низ Водно со гасоводната траса на којашто се работи, објаснувајќи дека станува збор  за „постоечка патека/пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет)“.

Град Скопје објаснува дека патот води до ниви,  па затоа неопходно било неговото расчистување и порамнување.

„Зошто баш сега, пред почетокот на зимата после години и години оставен „непорамнет“, патот наеднаш се срамнил за сопствениците на нивите да дојдат до нив и ги работат. Се прашуваме што ги навело баш сега на вакво потег“?- се прашањата на коишто активистите бараат итни одговори.

„Во парк-шума Водно согласно заштитниот режим забрането е сечење, кршење, откорнување, уништување и собирање на растителниот свет (дрвја и призмена растителност). Забрането е убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, уништување на нивните развојни облици, ларви, јајца, младунчиња, седела, легла и слично. Се забранува обработка на земјиштето надвор од населените места со која би се нанело штета и нарушила целината на заштитената зона. Се забранува раскопување и разнесување на земјиштето на заштитеното подрачје. Нива надвор од населено место, а во граници на парк-шума Водно не смее да се обработува, што значи пристапен пат до неа е излишен“. – меѓу другото се наведува во реакцијата на „Го сакам Водно“.

Доколку патот сепак нема никаква поврзаност со изградбата на гасоводот, во најлош случај оди во прилог на дрвокрадците, што уште еднаш го покажува несовесното раборење и уништување на Водно.

Затоа, за спречување на ваквите самоволија „Го сакам Водно“ бара: „ НАЈИТНО носење на закон за Водно, но како Lex specialis, специјален закон со кој заштитата на Водно нема да зависи од постапката на ревалоризација со која ќе се тргне заштитата од најголемиот дел, туку со специјален закон ќе се заштити перманентно секое дивеење и злоупотреба на Водно. Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано“.