Лесново е село што се наоѓа на 15 километри од Пробиштип, на надморска височина од 890 метри. Познато е по Лесновскиот манастир и древната традиција на изработка на воденички камења по кои е прочуено низ целиот Балкан. Во денешно време, селото главно живее од селскиот туризам кој е одлично организиран.

Но најверојатно, Лесново ќе биде прогласен за првиот геопарк во Македонија. Постапката за апликација е започната, велат националните експерти за туризам.

Досега, ниту едно подрачје од Македонија нема влезено во Европската мрежа на геопаркови, а уникатното Лесново е на чекор прво да се запише таму.

„Се надеваме дека ова подрачје ќе биде првиот геопарк во Македонија кој истовремено ќе биде и под закрилата на УНЕСКО“ – вели Ивица Милевски, експерт за туризам.

Во Лесновскиот крај има сочувано траги од некогашен вулканизам, форми кои се раритет не само во Македонија, туку и на Балканот.

„Самиот кратер, купите наоколу, вулканските бомби, сето тоа предизвикува воодушевување кај домашни и странски туристи кои имаат можност да видат многу на релативно мал простор од околу 5 – 10 километри“, појасни Милевски.

Геопарк значи простор за одржлив туризам, чија цел е сочувување на биолошките уникатности. Членството во оваа мрежа на геопаркови носи и огромни привилегии.

„Развојни фондови, инфраструктури, уредување на подрачјето, изгардба на објекти за престој се само дел од можностите“, – додава Милевски.

Во моментов, во Европската мрежа има 70 геопаркови од 23 држави на овој континент. На Балканскиот полуостров, геопаркови има во Грција, Словенија, Хрватска и Бугарија, а се прават напори за воспоставување и во останатите држави.