Во источниот дел на Република Македонија, во с. Куклица, кратовско, се наоѓа локалитетот „Камени кукли“, кај народот познат уште како „Весела свадба“,„Куклици“, „Кукли“ и „Пијани сватови“.

Според легендата, во селото Куклица се случила трагедија. Момчето, во кое една девојка од Горно Маало била вљубена, се оженило со друга од Долно Маало, поради што девојката ја фрлила клетвата: „Да даде Господ сите да се скамените, па макар и ти и јас!” Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле.

Зет и невеста
Сватови
Сватови

Со малку фантазија, секој посетител може да  ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните со кои разговаравме при нашата посета на локалитетот, ни раскажаа дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале.

Кум

Според научниците, станува збор за појава на околу 150 камени столбови (кукли) или земјени пирамиди настанати во вулкански туфови и бречи, кои се изразито осетливи на површинско раздробување, еродирање, засипување со нанос и сл. Карпите од кои се изградени „куклите“ се стари преку 10  милиони години, а самите форми започнале да се создаваат пред околу 50 илјади години. Како и да е, ваква „свадба“ која е ретко ремек – дело, нема никаде на светот.

По големината, бројот и изгледот на куклите и типот на карпите, овој локалитет е уникатен и во 2008 година со закон е заштитен како природна реткост на Република Македонија.

Овој локалитет сèуште не е целосно истражен, но се верува дека со текот на годините и понатамошната ерозија на земјиштето ќе се појават уште многу „кукли.“

Доколку сèуште не сте одлучиле каде да го поминете овој викенд, локалитетот Куклици е одличен избор да уживате во чистиот воздух, природата и ова прекрасно ремек – дело.

ФОТО – ГАЛЕРИЈА (ЕКО РЕПУБЛИКА, 09.11.2017)