Локалитетот Куклици е сместени на 8 километри северо-западно од Кратово и познат е по карактеристичните ерозивни форми наречени земјени пирамиди или камени кукли.

Овие форми се наоѓаат на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 км2. Има две групи на земјени пирамиди: оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови; на исток (десно) од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали форми (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“, целата појава локалното население ја нарекува „Весела свадба“.

Легендата за постанокот на камените кукли е поврзана со трагичната љубовна приказна и клетвата  на разочараната девојка за невозвратена љубов. Наспроти ваквото верување, научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога се уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала “кукли” повисоки од десет метри,  од кои природата со тек на времето извајала вистински ремек-дела.