Откако светот влезе во пандемија од корона вирусот замре и социјалниот живот. Застанаа спортските натпревари со публика, концертите се откажаа, едноставно светот застана. Но, во секоја криза секогаш се бараат излезни решенија. Во таа битка да започне процесот на враќање на нормалното живеење, за пример се издвојува одржаниот рок-концерт во Барселона на кој присуствуваа 5.000 луѓе. Пред самиот концерт сите кои имаа влезници беа тестирани на Ковид-19.

На концертот можеа да влезат само регистрирани лица на возраст меѓу 18 и 65 години, со смарт телефони кои ги содржат резултатите од тестирањето на Ковид-19. Членовите на публиката исто така мораа да се согласат да ги споделат своите податоци со Министерството за здравство.

Настанот беше организиран за да се провери дали ваквите концерти, со почитување на строги мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата на коронавирусот.

Концертот организиран од шпанската група „Love of Lesbian“,се одржа во салата “Палау де Сант Жорди”, која вообичаено прима до 24.000 посетители и имаше дозвола за одржување од шпанските здравствени власти со задолжително носење на заштитни маски, објави АП.

Според Универзитетот Џон Хопкинс, Шпанија досега регистрираше повеќе од три милиони заразени од почетокот на пандемијата, а додека 75 илјади луѓе починаа од Ковид-19.