Во кратката листа на животни кои можат да комуницираат со човекот како што се некои примати, делфини и папагали, спаѓа и коњот, открива нова студија.

Научниците користејќи метод со симболи кои укажувале на одредена состојба, откриле дека коњите можат да научат да комуницираат со човекот. Студијата опфатила 23 коњи од разни раси на кои им биле прикажани три симболи што претставувале „носење ќебе“, „без ќебе“ и „нема промени.“

Коњите се вешти за учење и со помош на симболите што им биле прикажани им биле потребни 10 дена за да научат да пристапуваат кон симболот, да го допираат симболот што ја отсликувал дадената ситуација и да го разберат нивното значење. Сите 23 коњи ја научиле целата задача во рок од 14 дена.

Потоа користејќи ги истите симболи биле тестирани во различни временски услови за да нивните тренери видат дали овие животни правилно можат да ги искористат симболите, а со тоа и да им ги покажат нивните преференци.

Резултатите биле воодушевувачки, такашто научниците уврдиле дека коњите не ги допирале симболите по случаен избор, туку својот избор го направиле врз основа на временските услови. Во услови на влажно, студено и ветровито време, тие го допирале симболот што означувал „носење ќебе“, а коњите кои веќе носеле ќебе го допирале симболот „нема промени“. Но, во услови на топло и сончево време, коњите што носеле ќебе го допреле симболот „без ќебе“, а оние што не носеле ќебе го одбрале симболот „нема промени.“

Силните резултати на студијата покажуваат дека коњите ги сфаќаат последиците од нивниот избор, велат научниците, кои се надеваат дека другите научници ќе го користат нивниот метод за да им постават повеќе прашања на коњите.