Покрај предизвикување на природни непогоди, климатските промени може исто така да предизвикаат и инфективни болести како епидемија на Зика вирусот, маларија, треска, денга инфекција и др., открива нова студија на Универзитетот за медицина во Колорадо.

„Климатските промени претставуваат комплексна закана по здравјето на човекот“, вели Cecilia Sorensen водечки автор на студијата и професор на универзитетот за медицина во Колорадо.

„Климатските промени може да ги разоткријат еколошките и социо – политичките слабости и да го зголемат ризикот од негативен исход по здравјето на луѓето во социјално загрозените региони“, додаде таа.

Главниот акцент на студијата бил ставен на земјотресот со магнитуда од 7,7 степени, што во април минатата година го стресе Еквадор како резултат на исклучително силниот Ел Нињо (океанско – атмосферски) феномен. Ваквите феномени се тесно повразни со силни дождови и повисоки температури на воздухот и денга инфекциите.

Sorensen заедно со својот истражувачки тим, во Еквадор откриле голем број на случаи на епидемија на Зика вирусот на местата каде настанал земјотресот, кој пак се пренесува преку убод од комарци.

„Зголемените температури и врнежи како резултат на Ел Нињо, во комбинација со уништената инфраструктура и големиот наплив на луѓе во поголемите градови, предизвикаа зголемен број случаи на епидемија на Зика вирусот“, вели Sorensen.

„Видовме многу луѓе кои беа зафатени со земјотресот како спијат надвор без заштита од комарци, па веруваме дека промена на климата во тој регион би го олеснило ширењето на оваа болест“, додаде таа.

Според неа и истражувачкиот тим, Ел Нињо создал идеални услови за Зика вирусот и негово ширење. Високите температури и силните врнежи од дожд како резултат на Ел Нињо, може да го забрзаат ширењето на вирусот, а со тоа и неговото пренесување по пат на вкрстување кај комарците, а потоа преку убод кај човекот.

Истовремено, Ел Нињо доведе и до зголемена температура на површината на морето, што пак, е во корелација со епидемии на инфективни болести кои се пренесуваат преку комарци.

Научниците предупредуваат дека ваквиот негативен исход по здравјето на луѓето може да се случи секаде во светот. По ураганот Катрина што го погоди Њу Орлеанс, бројот на случаи со вирусот на Западен Нил се дуплираше оваа година. Како резултат на климатските промени, бројот на случаи на маларија во Африка е зголемен, а последните катастрофи во Хјустон, Флорида и Порторико предизвикани од ураганите, очекувано е да бидат причина за повеќе инфективни болести во наредните години.