Катастрофални последици од земјотресот и цунамито што ја погодија Индонезија

Најмалку 1000 лица ги загубија животите како резултат на  катастрофалниот земјотрес и цунамито што ја погодија Индонезија на 28-ми септември.

Земјотрес со јачина од 7,5 степени предизвика  масовно цунами што ги зафати Палу, Донгала и околните места  во Индонезија. Илјадници домови, хотели, трговски центри, болници и други јавни објекти се  оштетени од потресот. Повеќето од жртвите се од градот Палу, изјави за време на прес-конференцијата во неделата портпаролот на Агенцијата за управување со катастрофи на Индонезија, Сутопо Пурво Нугуро. Официјални лица предупредуваат  дека бројот на жртвите може да се зголеми на илјадници.

“Се верува дека бројот на жртвите се зголемува, бидејќи многу тела се уште се наоѓаат под урнатините. Мртвите  или се удавиле кога цунамито удрило или настрадале  од уривањето на зградите” изјави Нугуро.

Настраданите, оние кои се извлечени се закопуваат во масовни гробници за да се спречи опасноста од зарази, а најавено е нивно подоцнежно идентификување и погребување.

Преживеаните ноќите ги поминуваат на отворено и под шатори и изгладнети влегуваат во околните маркети  и нестабилните трговски центри во потрага по храна.

Чиста вода за пиење е неопходна и итна, оти катастрофалниот земјотрес  ја  замати водата и истата не е за употреба.

Земјотресот урнал ѕид од еден локален затвор и повеќе од половина од 560 затвореници успеале да избегат.