Додека ние се жалиме на температури од неколку степени под нулата, во едно село во Јакутија во Русија – Ојмјакон, просечните зимски температури изнесуваат околу -60°C.

Ојмјакон е најстуденото населено место на Земјата и затоа го носи името „Северен пол на студот“. Најниската измерена температура изнесува -68°С во метеоролошката станица Томтор во 1933 г. Според неофицијални извори, температурата во селото паднала и до -82 °C во 1916 г.

Името на ова село означува „вода што не замрзнува“ и потекнува од тоа што крај него има топол извор. Селото се наоѓа во источниот дел на Јакутија и брои околу 500 жители. Ојмјакон се наоѓа блиску до поларниот круг и времетраењето на денот варира од 3 часа преку декември до 21 часа во текот на краткото сибирско лето, кога ноќите се „бели“ и е светло речиси преку целото деноноќие. Селото се наоѓа на околу 750 метри надморска висина.