Неодамна светот беше погоден од неколку природни катастрофи: урагани на Карибите, Јужна Америка и делови од САД, земјотреси во Мексико, монсуни во Jужна Азија.

Овие природни непогоди отворија многу прашања низ светот, за тоа што можеме да направиме за време на природна катастрофа, како да се подготвиме, како да им помогнеме на другите и како да преживееме во случај на природна катастрофа.

Во продолжение ги издвојуваме најдобрите совети за тоа како треба да се постапи за време на природна катастрофа, да преживеете, но и да им помогнете на другите.

ПОДГОТОВКА

Што треба да направите предвреме за да бидете подготвени за време на природна катастрофа?

Секое семејство потребно е да има план на итност што ќе одговори на можните природни непогоди во регионот во кој живее. Практични вештини за преживување како што е тренинг за прва помош, снабдување со вода за пиење, начини на нејзина дезинфекција, обезбедуање со храна, подготовка на храна во домашни услови, обезбедување со потребните лекови, изнаоѓање начин како да се затоплите, како да останете во контакт со другите членови на семејството.

Што секогаш треба да имате во вашиот дом?

Основната листа вклучува вода за пиење, готова храна, батериски ламби, средства за прва помош.

Доколку вашиот буџет е ограничен, започнете со обезбедување на дел по дел од потребните намирници, предмети и средства секогаш кога сте во можност и заменувајте ги пред да им истече рокот.

Едно од најпотребните средства во случај на природна катастрофа претставува радио на батерии. Со негова помош навремено ќе ги добиете неопходните информации во случај на природна катастрофа, за тоа како да преживеете, како да се евакуирате, информации во врска со спасувачки и медицински екипи на терен, центри за помош со храна, вода и лекови во вашиот регион.

БЕЗБЕДНОСТ И СИГУРНОСТ

Многу луѓе паничат за време на природни непогоди. Чуството на страв и паника е природна појава, но сепак, во една таква ситуација потребно е да се размислува рационално и разумно, бидејќи во спротивно би презеле активности, кои би можеле да бидат загрозувачки по вашиот живот.

Што е тоа што често луѓето го забораваат за време на природна катастрофа?

Некои луѓе додека ги прават подготовките за преживување во случај на природни непогоди, забораваат дека природната катастрофа би можела да трае многу долго, наместо неколку денови. Потребно е да се обезбедите со сите неопходни средства, храна, вода и лекови во количини повеќе од потребните или веднаш да се евакуирате.

Не бидете себични водејќи грижа само за вас, проверете дали им е потребна помош на другите и помогнете им согласно вашите можности.

Како да постапите со вашиот миленик?

Доколку вашиот миленик го чувате во двор, дозволете му секогаш да има слобода на движење без да биде врзан. На таков начин, во случај на природна катастрофа, ќе може сам да се заштити, доколку не сте во можност да го понесете со вас.

Животните имаат голема способност за пливање и искачување на дрвjа.

ХРАНА И ВОДА

Што треба да направите доколку останете без вода?

Постојат многу начини како да дојдете до вода и истата да ја дезинфицирате.

Секогаш во вашиот дом да имате складирано вода во шишиња или туби од минимум 10-20 литри. За време на природна катастрофа, која е пропратена со врнежи, еден од најлесните начини  да обезбедите вода за пиење е вода – дождовница, која секогаш ја има во доволно големо количество за време на природни катастрофи. Но, важно е да запомнете дека оваа вода би била безбедна за пиење по 10 минутно вриење, како би ги уништиле патогените организми. Но, доколку не сте во можност тоа да го направите, тогаш не заборавајте секогаш во својот дом да имате и резерви на хлор кој служи како дезинфициенс на вода.

Каква храна треба да консумирате по преживеана природна катастрофа?

Колку и да звучи чудно, најбезбедна храна која треба да ја консумирате по преживеана природна катастрофа е конзервираната храна, бидејќи на таков начин би се заштитиле од внесување на контаминирана храна, како последица од настанатата катастрофа Од друга страна пак, конзервираната храна е безбедна, бидејќи истата е пакувана во конзерва, чиј материјал е водоотпорен, цврст и отпорен на оштетувања.

Кои медицински средства треба да ги обезбедите во случај на природна катастрофа?

Едно од неопходните медицински средства кое треба да го имате со вас е водороден пероксид 3% за чистење на рани и чист дезинфициран завој за нивна изолација.

Доколку пиете лекови препишани од вашиот доктор, потребно е истите да ги обезбедите во поголеми количини, бидејќи за време на природна катастрофа, неколку денови или подолг временски период не би имале лесен пристап до аптека.

Како да спречите инфекција на осекотина или повреда без медицински средства?

За време на природни непогоди тешко се доаѓа до медицинска помош. При силна бура или поплави, доаѓа до забрзано размножување на бактерии и разни микроорганизми, хемикалии во водата, а со тоа и до инфекции. Затоа, неопходно е да користите чиста вода или алкохол и чист стерилизиран завој.

НАПУШТАЊЕ НА ДОМОТ

Каде да одите, доколку морате да го напуштите вашиот дом?

Најдобро и најбезбедно место на кое би добиле помош и информации во случај на природна катастрофа, претсавуваат болниците, аеродромите, прифатилиштата и секое друго место со голема фреквенција на луѓе. На таков начин со сигурност би дошле до храна, вода и потребната медицинска помош.