ХРИЗАНТЕМА – КРАЛИЦА НА ЕСЕНТА

Златно-жолтата боја на есента надополнете ја со разнобојната палета на есенската кралица – хризантема.

Ова прекрасно грмушесто растение  во доцните есенски денови ќе им даде живост и со сигурност ќе ги разубави балконите и градините.

Хризантемата е тропско растение, првично одгледувано во евроазискиот регион, поточно Кина, каде е многу ценета и се смета за симбол за долг живот.

Во Јапонија,  хризантемата е толку сакана и почитувана, што дури и се одржуваат спектакуларни годишни изложби на цветното растение.

Припаѓа на семејството Asteraceae (Compositae), едно од најголемите семејства цветни растенија со над 1000 родови и околу 20000 видови.

Станува збор за растение чие одгледување е едноставно и не бара некоја поголема умешност и знаeње.

Прилагодлива е за одгледување како во градината, така и во саксиски услови на балконите.

Се сади на сончево место, во средината на април, бара доста влага и затоа треба постојано да се полева со вода во текот на топлите летни денови. Задолжително е и потхранување со течно ѓубриво за цветни растенија  на секои две недели.

Во доцна есен, кога темпетатурите ќе опаднат и растението ќе прецвета  се обрежува на висина од околу 15 сантиметри и се покрива за да може да ја ги преживее ладните зимски денови.

Доколку сепак сте задоцниле со садењето, или немате услови за такво нешто, не очајувајте.

На пазарот има изобилство од најразлични видови од прекрасните хризантеми, кои чекаат да се вдомат во вашите градини и балкони.

Сепак, доколку се одлучите за купување на хризантема треба да внимавате на просторот каде ќе ја поставите. Бара светол или полусветол простор, заштитен од ветер.

За каков вид и да се одлучите, со сигурност ви гарантираме прекрасно есенско уживање во раскошот што хризантемата ни го нуди.