Грант за набавка на фотоволтаични системи за 35 општини

Грант од 2 милиони евра  преку ИПА компонентата на Европската унија, ќе бидат доделени на 35 општини за набавка на фотоволтаични системи. Преку Проектот  за подобрување на општинските услуги на Министерството за финансии, 35 општини од четири региони со најнизок БДП по глава на жител  ќе можат да набават фотоволтаични системи за самостојно производство на електрична енергија.

На барање на Министерството за финансии општините ќе треба да ги идентификуваат објектите кај кои ќе биде најпотребно и најкорисно инсталирање на ваквите системи (градинки, училишта, општински згради и други јавни објекти).

Набавката на фотонапонските системи има за цел заштеда на трошоците за електрична енергија кај јавните објекти и намалување на  трошоците на самите општини. На овој начин со имплементирање на вакви и слични проекти  се зголемува бројот на користени обновливи извори на енергија  и позитивно се влијае врз заштитата на животната средина.

На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,7 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а истата е администрирана од страна на Светска банка како посебен сегмент за ИПА рурални инвестиции во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги. Овие средства на општините им се доделуваат во форма на грантови и истите треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните средини.