Градежните работи на Водно во тек – Го сакам Водно повторно реагира!

 

Граѓанската асоцијација ”Го сакам Водно”, повторно се огласи на социјалните мрежи, откако констатира дека градежните работи околу изградбата на гасоводот преку Водно продолжија, без како што наведуваат правосилно решение за измени на дел од трасата.

”СЕ РАБОТИ БЕЗ ПРАВОСИЛНО РЕШЕНИЕ за измени во тек на градба, затоа што новопроектираната траса сè уште не е одобрена.

Не се во состојба да испочитуваат ни минорна отстапка која самите ја ветија!

Се работи на диво, без дозвола, без надзор, без обележаност, целосно нестручно, за што како резултат имаме и неколку бутнати борови кои не се ниту блиску до трасата.

Каде е „строгиот надзор“? Каде се инспекциите? До кога граѓаните треба да бидат единствен коректор на самоволието?!” – стои во реакцијата на ”Го сакам Водно”.

 

Според активистите, багерите коишто деновиве  се на терен и продолжуваат со градежните работи, во густо пошумениот дел на Водно работат нелегално, бидејќи новопроектираната траса ветена  во преговорите со  МЕР и Градот Скопје, со цел намалување на штетите што ќе ги претрпи шумата на Водно од градењето на гасоводот, се уште ги нема потребните одобренија за да стане легална.