Град Скопје објави оглас за испитување на загадувањето од огревно  дрво

Објавен е оглас од страна на Град Скопје за „проширување на испитување на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото како средство за затоплување“.

Економскиот оператор кој ќе биде избран да го врши  испитувањето за да ја прави анализата ќе добие 1.694.915 денари, а времетраењето на договорот ќе изнесува 14 месеци.

Неопходно е кандидатот да има акредитирана лабораторија за технички испитувања и соодветна опрема за мерење на РМ10 честички и мерење на концентрацијата на левоглукосан во тој состав

Градските власти во 2016 година спроведоа анализа која потврди дека најголемото загадување на амбиенталниот воздух во главниот град е последица  од начинот на кој се затоплуваат домаќинствата.

Екологистите тогаш излегоа со позитивна реакција, бидејќи за прв пат по толку години беше јавно проговорено и укажано дека, начинот на кој се затоплуваат домаќинствата е најголем причинител за загадувањето на воздухот. Во тој правец е и апелот да се изнајде решение и да се понуди соодветна и најдобра алтернатива.