Гиетхорн ( на холандски – Giethoorn), мало прекрасно селце, сместено во северниот дел на Холандија, основано од страна на бегалците од медитеранскиот регион, некаде  околу 1230 година.

Она што го прави необично, нетипично за останатите села е фактот што во него не постои никаква патна инфраструктура, никаков облик на модерен транспорт, освен водните канали, оспособени за пловидба со чамци. Значи, ако случајно се најдете на ова место, уживањето во прекрасната природа и живописните пејсажи, ќе ви биде овозможено, единствено пловејќи со чамец по некој од многубројните канали или поминувајќи преку некој од 176-те изградени мостови, специјално за оваа намена.

         

Поради природата на самото место, туристите се принудени своите автомобили да ги остават надвор од селото, бидејќи нема каде да ги возат, да си изнајмат чамец или да ги користат велосипедските патеки. Исто како и обичните патишта наменети за автомобилите и каналите имаат свои “улици” и имиња. И ден денес, селото успева да ја сочува автентичноста што ја има од своите почетоци, поради што и не случајно се нарекува “Холандска Венеција”.

Гиетхорн е толку тивко и мирно место, што според сведоштвата на туристите единствена врева што овде би можеле да ја почувствувате е крикот и звукот од тамошните патки и други птици што се среќаваат во селото.

Мирот, зеленилото и здравата храна се главни одлики кои привлекуваат туристи во било кој период од годината. Едноставно, идеално место за одмор и рекреација кое вреди да се доживее.