ГАСОВОДОТ – ЕКОЛОШКА ЕНИГМА?

Што со трасата на гасоводот која треба да поминува низ Скопската Котлина? Состојба која прераснува во битка помеѓу профитот и заштитата на животната средина.

Предвидената траса на гасоводот планирано е да минува низ Водно, што дополнително ги мобилизира еколошките организации, кои преку граѓански иницијативи инсистираат на решение, кое во основа ќе се темели на принципите на одржливиот развој, како и основните начела за заштита на животната средина и природата. Битката на скопјани за што повеќе зелени површини и сочувување на заштитените подрачја во Скопската Котлина продолжува. Изминатиот период се водеа доста разговори помеѓу претставници на граѓански иницијативи и одговорните институции, но, по завршувањето на последните преговори со Македонски енергетски ресурси (МЕР), истите остануваат на своите ставови.

Со реализација на проектот за изградбата на гасоводот, трасата во должина од 11 км. ќе поминува преку Водно и ќе опфати појас од околу 4 км, обраснат со високостеблеста шума, нискостеблеста шума и би се уништиле живеалиштата на многу значајни видови.

 

Фактот дека најголемиот дел од трасата низ Водно е на државно земјиште, минималната експропријација не би требало да се користи како причина за избор на трасата, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје.

Имајќи во предвид, колкаво е значењето на Водно, како прочистувач на воздух и извор на кислород за граѓаните на Скопје и околните места, граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на Загадувањето, Еко Карпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог аларм и Сакаме Аеродром да дише, со жестока реакција против изградбата на гасоводот и поминување на трасата низ Водно, бараат преминување на друго  алтернативно решение, кое би поминувало од северната страна на Скопје,а кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти.

Љубителите на природата, екологистите и сите оние кои го сакаат Скопје со став дека изградбата на гасоводот по оваа траса е еколошки неоправдано и јасно и гласно порачуваат, дека ќе се борат со сите расположливи средства, доколку се продолжи со работењето на трасата.

И покрај реакциите на екологистите,  Владата и понатаму е со став дека промената на трасата сериозно ќе влијае врз целиот процес на гасификација на државата, а изградбата ќе ја одолжи и до пет години.