На 33 километри северозападно од Прилеп, во падините на планината Даутица, на надморска височина од 720 метри се наоѓа селото Зрзе.
Атарот на селото граничи со атарите на селата: Костинци на исток, Сливје и Рилево на југ, Крапа на запад и Маргари и Долгаец на север.

Зрзе е вовлечено во еден дол на кој има прекрасен поглед од познатиот манастир. По селските улички се гледаат многу варовнички блокови, па затоа и куќите и оградите се изградени од варовнички камен.

Варовничкиот состав на почвата придонесува селото Зрзе да е богато со вода и да има изобилство од бистри и студени извори, по кои е најпознато село во целиот крај. Благодарение на изобилството од вода, селото Зрзе е познато и по многубројните оревови дрвја. Над познатиот манастир избива силниот извор – врелото наречено Извор, на чии води е малиот рибник во дворот на манастирот веднаш до црквата, а од него извира и потекува и селската рекичка. Од неговите води меле и селската воденица, а селските куќи се групирани и делови од селото се наречени според поголемите родови како: Стамболџиовци, Срмановци, Заревци, Влкановци итн.

Зрзе од минатото па сѐ до денес е населено само со православни Македонци. Во почетокот на XX век во Зрзе живееле околу 400 жители. Според пописот во 1953 год. во Зрзе живееле 753 жители. Наредните години селото го зафатило масовна миграција од типот село – град, но и во други држави, па бројот на жители постојано се намалувал. Денес во селото живеат околу 30 жители, главно стари лица.


Чудотворните мириси на лековитата жалфија и волшебната мајчина душичка, црцорењето на птиците што прелетуваат ве следат додека се качувате по патеката под падините на Даутица, која најверојатно е иста уште од доцниот антички период во времето на Климент Охридски.
Над древната монашка населба на хоризонтално плато, на 1000 м.н.в се наоѓа манастирот Св. Преображение Христово. До манастирот се пристигнува по асфалтен пат што поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево, Костинци и Зрзе.

Карпата на која е сместен манастирскиот комплекс во 9 век ја населиле монаси кои тука се молеле, самувале, тихувале… Во манастирот Зрзе се издвојуваат седум ката со повеќе од 30 градителски облици: цркви, тихувалишта, ќелии, работилници, јами. Над древната монашка населба на хоризонтално плато, во 14 век монахот Герман подигнал црква што ја посветил на празникот на исихастите, „Свето Преображение Христово“. Подоцна, неговиот син, монахот Харитон, со своето семејство бил ктитор на фрескоживописот, а внуците: митрополитот пелагониски Јован и неговиот брат, зрзескиот јеромонах Макариј, ги изработиле најзначајните дела на Зрзеската иконописна школа: иконата „Спасителот Исус Христос “ во 1391 година (Јован) и чудотворната икона „Богородица Пелагонитиса“ во 1422 година (Макариј). Овие две икони се најавтентични за нашето поднебје, бидејќи нивната положба е обратна од положбата на иконите на Исус и Богородица во другите христијански цркви и манастири.
Низ историјата монашкото братство непоколебливо се справувало со сите предизвици. Манастирот Зрзе бил разурнуван па граден, ограбуван па возобновуван.
Некогаш овој манастир бил окружен со заштитни ѕидови. Камењата од ѕидот во 1930 година биле употребени за градење на манастирските конаци. Некои истражувачи наведуваат дека во манастирот во Зрзе постои „кула на кралот Волкашин“. Над манастирот има урнатини од малечка тврдина. Во самото село Зрзе е црквата посветена на Света Недела, а исто така има остатоци од ѕидови од четири други цркви: Света Петка, Свети Архангел, Свети Атанасиј и Свети Филип.

Отежнатата пристапност влијае на посетеноста на манастирот. Во зимскиот период, поради снегот е речиси отсечен за вообичаена комуникација. Отворен е од рана пролет до доцна есен.
Од 1998 година, со вжителувањето на монашката заедница, манастирот Зрзе се возобновува во општожителен машки манастир, а на почетокот на 21 век, по третпат во својата историја, Зрзе станува епископско седиште, овојпат на епископот Климент Хераклејски.
Празникот Св. Преображение Христово на 19 август е манастирска слава, кога во духот на монашкото предание и вековните традиции братството за секој гостин во манастирот приготвува посно гравче, риба, грозје и жито.
Зрзе е познато по своето богато историско и културно наследство, а зрзевската околина изобилува со лековити билки, печурки и чаеви кои ветерот ги распрашува како мелем. Зрзе е парче рај фрлено на земјата, кое по првата посета, како свет параклис ќе го посетувате повторно и повторно.