Градскиот парк во Скопје е најголемиот градски парк во Република Македонија. Почнал да се формира некаде во XIX век.

Паркот е изграден за време на скопскиот валија Хафиз Мехмед – Паша, веднаш по изградбата на занаечиското училиште „Ислахане“, во негова непосредна близина. Почетната зелена површина зафаќала простор од околу 16.000 м². Дел од оваа прва локација на Паркот постои и денес, тоа е делот околу ресторанот Кермес.

Денешната површина која го зазема Градскиот парк е 486,000 м², и се простира помеѓу улицата Ленинова (Аминта Трети) од исток, Булевар „Октомвриска Револуција“ од запад, реката Вардар од север и Булевар „Илинден “ од југ.

Реонот на градскиот парк се карактеризира со посебно ретки и квалитетни насади.

Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите кои му припаѓаат на јужно-европско-медитеранско подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот.

Во Градскиот Парк се среќава гинкото, последен вид од одамна исчезнатото семејство (Ginkoaceae), жив фосил од 150 милиони години, како и Џиновска секвоја за која се вели дека е најголемиот жив организам на планетата. Може да достигне 90 метри во височина и 11 метри во дијаметар.

Животинскиот свет е составен дел од фауната на Скопската Котлина, односно животните кои денес се среќаваат во паркот го населувале ова подрачје и пред неговото формирање.

Во Градскиот парк може да се сретнат преку 90 вида птици, од кои дел гнездат во него а дел го користат како попатна станица при нивната миграција. Меѓу другите, можат да се сретнат видови како зелен клукајдрвец, пупунец, ќук, па и некој ретки како што е малиот корморан.

Од цицачите, често и во присуство на луѓе, можат да се видат верверици и ежиња, а по тревниците куповите земја што ги исфрлаат кртовите при копање на нивните ходници. Во езерцата и каналите во Паркот живеат неколку видови жаби и тритони, а не ретко може да се забележи и змијата белоушка која се храни со нив, Од рептилите значајно е присуството на скопскиот гекон кој излегува навечер околу светлината на околните објекти каде што лови мушички.

Во летните месеци паркот е дом на огромен број инсекти од кои како поинтересни може да се издвојат еленчето, неколку видови богомолки, скакулци и пеперутки.

Со својата специфична флора и фауна, Градскиот парк во Скопје претставува прекрасно место за прошетка и релаксација и едно од најпосетуваните места во Скопје.

Уживајте овој викенд во есенскиот колорит и убавините на скопскиот Градски парк.

ФОТО – ГАЛЕРИЈА (ЕКО РЕПУБЛИКА, 20.10.2017)