ФАО со четири проекти за зголемена поддршка на македонското земјоделство

На заедничката прес конференција, одржана  на 4 декември во Скопје, ФАО ( Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), најавено е зголемување на поддршката на ФАО за македонскиот земјоделски сектор. Поддршката опфаќа  четири проекти за регионална соработка во областите на: здравјето на животните, растенијата, намалување на загубите и отпадот на храна и одржливо управување со рибните ресурси, во вкупна вредност од 1,5 милиони долари.

Четирите проекти се дел од Програмската рамка на ФАО за 2018-2020 година, потпишана годинава помеѓу ФАО и Владата на Република Македонија, насочена кон три главни приоритети – зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, како и одржливо управување со природните ресурси и  справување со климатските промени.

ФАО ќе даде поддршка на четири земји од Југоисточна Европа, вклучително и Македонија за намалување на загубите и отпадот од храна. Во рамки на регионалната иницијатива на ФАО – SAVE FOOD, ќе се работи на креирање на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, во согласност со специфичните потреби на земјите, постојните национални стратегии за развој на земјоделството, безбедноста на храната и ублажување на климатските промени. Ќе се работи и на регионална кампања за подигнување на јавната свест, ќе се воспостави и координира партнерска мрежа и ќе се спроведуваат обуки за најдобри практики за намалување на загубите и отпадот од храна.

Според Даниела Мангионе, програмски службеник на ФАО, одговорна за регионалните проекти на ФАО во Европа и Централна Азија, „соработката помеѓу ФАО и Република Македонија значајно се зголеми во текот на последната година. Четирите регионални проекти, со вкупен буџет од 1,5 милиони долари, го продолжуваат овој тренд и со воведување на нови области за заедничка работа“. Таа додава дека регионалната соработка е суштинска компонента на инвестициите на земјите во одржливо земјоделство и рурален развој, справување со климатските промени и одржливо управување со природните ресурси.