Европските земји годишно трошат повеќе од 112 милијарди евра за субвенционирање на производството и потрошувачка на нафта, гас и јаглен, вклучувајќи го и дизелот кој претставува најголем загадувач. Иако се обврзаа фосилното гориво целосно да го исфрлат од употреба до 2020 година, субвенционирањето се реализира секоја година.

Најголема корист од ова субвенционирање има транспортниот сектор, каде се слеваат повеќе од 49 милијарди евра како помош за користење на фосилни горива и 15 милијарди евра годишно за индустријата и бизнис секторот.

Извештајот на Меѓународниот институт за развој (ODI) и Мрежата за климатско делување во Европа (CAN Europe) ги опфати сите земји членки на Европската Унија и за прв пат даде детални информации за субвенционирањето на фосилно гориво помеѓу 2014 година и 2016 година.

Според податоците од CAIT, кој претставува најрелевантен извор на податоци за климатските промени, Чешка, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска и Велика се најодговорни за 83% од емисијата на гасови со ефект на стаклена градина во Европа.

„Истражувањето покажа како владите во Европа и ЕУ продолжуваат со финансирање на „зависноста“ од нафта, гас и јаглен и поттикнување на опасни климатски промени и загадување на воздухот“, изјавува водечкиот автор на студијата – Shelagh Whitle.

Европската комисија во ноември треба да ја претстави стратегијата за чист транспорт, вклучувајќи го и намалувањето на постоечкиот лимит за емисијата на CO2 од автомобилите како и нови прописи за ограничување на емисијата на CO2 од камионите.

Емисијата на CO2 од камионите моментално не е регулирана во Европа, за разлика од САД, Канада, Јапонија и Кина. Проценките покажуваат дека од вкупната емисија на CO2 од транспортот во светот, 35% отпаѓа на камионите.

ЕУ во просек издвојува 4 милијарди евра годишно од својот буџет за субвенционирање на фосилни горива, утврдија истражувањата.

“Износ од 4 милијарди евра кој ЕУ го троши за фосилно гориво, од кој голем дел е наменет за инфраструктура за гас, ќе ја држи Европа во зависност од фосилни горива и во наредните 10 години“, изјавува Директорот на САN, Wendel Trio.

Наместо за тоа, парите од граѓаните треба да се трошат за поддршка за обновливи извори на енергија и ефикасно трошење на ресурсите, стои во Извештајот на ODI и CAN, од каде што повикуваат ЕУ експлицитно да го исклучи фосилното гориво и други слични неодржливи проекти од јавно финансирање.