Движењето ” Го сакам Водно” повторно реагира: СТОП за градежните работи!

Движењето ”Го сакам Водно”, повторно се огласи на социјалните мрежи изразувајќи го   револтот против продолжувањето на градежните работи за поставување на гасоводни цевки  на теренот на Водно.

 ”Без официјална одлука на Влада, без одобрение од Град Скопје, со долга листа на неправилности во целата постапка за градење на оваа делница на гасоводот, во издавање на одобрението за градење, деновиве багерите по неколку месечна пауза продолжиле на терен да рамнат и го кршат сртот!!!”, се вели во реакцијата на здружението, кое упорно бара од надлежните власти да ги прекинат понатамошните работи и да ја преиспитаат одлуката за градење на гасоводот по оваа траса.

Според екологистите, северните траси, кои би поминувале покрај скопската обиколница, се подобриот избор за изградба на гасоводната линија. Образложението дека тие се избегнуваат заради пресекување на водоводните линии од Рашче кон Скопје, за нив е неиздржано, бидејќи и планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа. Овој факт, според нив, е потврда дека изборот на трасата низ парк-шумата Водно е неоправдан.

Членовите на здружението во одбрана на своите ставови преку социјалните мрежи најавуваат протести, а за денес и прес конференција за медиумите пред Град Скопје.