Отворен ден на депонијата Дрисла

Во организација на Здружението за заштита на животна средина НОВ ИМПУЛС – Скопје, а во соработка со ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО се реализира проектот “Дојдете да се запознаеме – Поздрав Мистер Дриско“, со цел да се подигне свеста на најмладите, а преку нив и на возрасните за разликите меѓу дивите депонии како главен загадувач на животната средина, во споредба со централизирана високо професионална депонија.
За таа цел, на 19-ти јуни, 2019 година (среда) со почеток од 11.00 часот, депонијата Дрисла ќе ја посетат 150 учесници (деца и возрасни) кои лично ќе видат на терен што се случува со отпадот кој доаѓа на депонијата Дрисла.
Од страна на стручни лица ќе биде објаснет патот на отпадот од дома до неговото професионално третирање во главната депонија во Скопје, при што на децата и возрасните ќе им се отворат нови видици и кон примарното и секундарното селектирање на отпадот и како да се грижиме за животната средина.
На настанот ќе присуствуваат и претставници од Градот Скопје, од италијанската фирма ФЦЛ АМБИЕНТЕ, како и директорот на ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО со неговиот менаџерски тим.
На овој отворен ден за горенаведениот настан на депонијата Дрисла, може да присуствуваат и сите други заинтересирани лица.