Дрисла, со еколошки чекори!

Поставен новиот филтер за согорување медицински отпад!

На Дрисла се постави новиот филтер на печката за согорување на медицинскиот отпад. Со овој чекор менаџерскиот тим на Дрисла јасно покажа дека Дрисла како единствена регуларна депонија на територијата на Република Македонија, изградена по високи еколошки стандарди, продолжува да го надградува квалитетниот пристап кон третирањето на отпадот и заштитата на животната средина.

Извршниот директор на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов, смета дека со поставување на новиот филтер, е решен еден од еколошките проблеми за жителите од селата во близина на депонијата, особено за Батинци и Љубош, како за Градот Скопје иако е подалеку.

Ангелов истакна дека набрзо по завршувањето на судските перипетии поврзани со изборот на концесионер, ќе следува период на нови инвестиции во „Дрисла“.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека „Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот. Од идната сезона Дрисла нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска во функција е новиот филтер во депонијата Дрисла. Станува збор за филтер кој е поставен на  инсенераторот за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките  на Државниот инспекторат за животна средина“.

Помеѓу другото Шилегов посочи дека роковите за набавка на новата печка не се пробиени и дека таа најверојатно ќе биде набавена до јуни.

Новиот филтер на печката за отпад од медицинските установи има капацитет за прочистување на 2500 метри кубни на час и наместо на нафта, работи на гас.

Резултатите од мерењата во текот на пробниот период од работењето на филтерот се позитивни, а гасот што излегува од филтерот е речиси целосно чист, соопштуваат од Дрисла.