Денес е Светски ден на животните

0
136

Денес, 4-ти октомври, ширум светот се одбележува Светскиот ден на животните.

Почетокот на оваа идеја потекнува од Heinrich Zimmermann, германски писател и издавач на магазинот  Man and dog (човек и куче ).

Првиот настан за реализација на оваа идеја е организиран  на 24-ти март 1925 год во Берлин, а за подоцна да биде поместен на 4-ти октомври во 1929 година. Секоја година Zimmermann работел напорно во промовирање на светскиот ден на животните и конечно во 1931 година на Светскиот конгрес на организации за заштита на животни што се одржал во Фиренца, неговиот предлог за 4-ти октомври да се прифати за светски ден на животните бил едногласно прифатен.

Овој ден ги обединува движењата за благосостојба на животните. Поединци и организации од сите делови на светот предупредуаат на проблемите со кои животните се соочуваат денес и ги поттикнат луѓето да размислуваат за својот однос кон животните, со цел заштитата на животните реално да стане важно општествено прашање.

Според податоците на светските организации кои делуваат во областа на заштитата на животната средина и животните, во светот секој ден под голема опасност од исчезнување се стотина животински видови. Најзагрозени се морските желки, горилите, пандите, слоновите, китовите и тигрите. Човековата амбиција и алчност за заземање на територии кои се од исклучително значење за животинскиот и растителниот свет, со цел да ги претвори во урбанизирани и индустријализирани простори, за користење на дрвна маса во индустријата, најдиректно влијае во процесот на загрозување и исчезнување на многу животински видови. Нивото на страдање на животните во светот денес е без преседан и ја покажува состојбата на општеството на глобално ниво.

Милијарди животни годишно се убиваат поради храна, повеќето се одгледуваат на индустриски фарми каде ниту нивните најосновни потреби не се задоволени. Милиони диви животни се рануваат, прогонуваат и убиваат, се заробуваат во лов, се истребуваат и се предмет на трговија на црниот пазар, за потребите на производство на крзно. Милиони животни се убиваат во разни експерименти и истражувања. Милиони страдаат и умираат во кафези, циркуси, на синџири или се напуштени на улица, предмет на злоупотреба, прогон и убивање.

Учеството  во обележувањето на Светскиот ден на животните расте секоја година, со организирање на голем број едукативни настани за подигање на јавната свест. 4 октомври е ден посветен и за вдомување на животни, едукација за превенција од беснило и вакцинирање, радио и телевизиски интервјуа за подигање на свесноста за проблемите со животните. Мисијата на Светскиот ден на животните со конференции, работилници и едукативни настани се одбележува и во училиштата за едукација на младите, се организираат мирни протести и сл.

Во последните неколку години овој ден се обележува со над 1000 настани во над 100 земји.