Подготвување на богат англиски појадок кој вклучува пржено јајце, колбас и зеленчук, може да предизвика штетно загадување на воздухот во затворен простор, предупредува нова студија.

Готвењето на скоро секое пржено јадење вклучува капки вода во интеракција со загреано масло и предизвикува реакција која исфрла ситни капки маснотии во воздухот.

Научниците од Теxas Tech University и Utah State University преку забавено видео покажуваат како дури една капка вода може да предизвика експлозивни верижни реакции.

Нивната студија покажува дека ако маслото е доволно загреано и се додаде вода, која всушност кај скоро секое пржено јадење се испушта од намирниците, а најмногу од месо и зеленчук, капките што се исфрлаат во воздухот се доволно мали за да бидат суспендирани во атмосферата на кујната и да се вдишат.

Ова може да биде штетно, особено во кујна со лоша вентилација, иако од истражувачкиот тим најавуваат спроведување на повеќе истражувања за да се открие колку штетно за здравјето може ова да биде.

„Познато е дека милиони смртни случаи во целиот свет се случуваат поради загадувањето на воздухот во затворен простор, но не знаеме колку готвењето во кујна со слабо проветрување придонесува за тоа“, вели Jeremy Marston професор на Texas Tech University.

Наодите покажуваат дека водата во маслото кое е загреано на температура под 150° C создава различни поединечни ерупции, односно маслени капки со големина на милиметар кои доаѓаат во допир со кожата.

Меѓутоа, научниците откриваат кога температурата на маслото била поголема од 150 ° C, микроскопските маслени капки (помалку од 300 нанометри) се појавуваат во облак во атмосферата на кујната. Токму овие капки се тие за кои треба да се грижиме, бидејќи може да предизвикаат штетно загадување на воздухот во затворен простор.

Тоа се случува токму кога и една мала капка вода доаѓа во контакт со загреаното масло, такашто многу голем број мали капки масло се ослободуваат во воздухот.

Според научниците многу комбинирани јадења како месо, јајца и зеленчук, имаат висока содржина на вода што ја забрзува оваа реакција.