Знаеме дека кучињата се најдобар пријател на човекот, a луѓето се прилично познати по тоа што работат заедно. Значи би помислиле дека нашите најдобри „пријатели во шепи“ би биле исто толку добри за соработка? Погрешно! Волците се многу подобри во тимската работа, побрзо сфаќаат и се попаметни отколку кучињата, покажуваат резултатите на неколку студии.

Нашиот најдобар пријател – кучето било користено како добар помошник и придружник низ вековите. Но, кучињата нѐ придружуваат и денес, за да ловат, да нѐ водат, да нѐ дружат, па дури и за да душкаат опасни материи. Изненадувачки би било кога би дознале дека не се толку добри тимски играчи споредено со нивните предци- волците.

Психологот Sarah Marshall-Pescini споредувала група на волци и група на кучиња мелези, на начин што биле изложени на тест што се користи кај шимпанзата. Тестот опфаќал храна на послужавник поврзан со две јажиња, до која може да се дојде само со повлекување на двете јажиња. Но, кучињата не можеле да го сфатат тоа и после стотици обиди. Од 416 обиди, тимот од волци 100 пати успеал да ја ослободи храната, а тимот од кучиња само 2 пати и покрај тоа што вториот тим имал помош и асистенција од човечки фактор.

 Соработка наспроти откажување

Овој тест на Sarah Marshall-Pescini не бил единствениот кој покажал дека волците се подобри тимски играчи од кучињата. Земајќи ја во вид хиерархиската поставеност на кучињата, тие откриле дека кучињата кои доминирале во својот круг, ги бркале помалку доминантните, спречувајќи ги да ја јадат храната, која била во ограничено количество, што не било случај кај волците.

Според друга студија пак, волците покажале поголема способност за самостојно снаоѓање во дадена ситуација, откако им бил оставен затворен контејнер со месо. Осум од десет волци успешно го отвориле контејнерот, додека ниту едно од кучињата не успеале, од кои најмногу и воопшто не се обиделе. Интересно е тоа што, сепак, мали кученца добро го поминале тестот, што укажува дека не станува збор за неспособност да се отвори контејнерот, туку за непостоење интерес и упорност.