ДАЛИ И КОЛКУ СЕ ШТЕТНИ АРОМАТИЧНИТЕ СВЕЌИ?

Црвени, жолти, виолетови, еднобојни и шарени, примамливо спакувани во воодушевувачки форми и дезени, ароматичните свеќи се почесто ги вметнуваме како декорација во домот, особено сега во топлите зимски денови и предстојните празници.

Прекрасно е чувството  да се гледаат малите треперливи пламенчиња во тегличките, а уште поубаво да се вдишуваат аромите што ги испуштаат додека горат .

Но, експертите предупредуваат, да бидеме крајно внимателни и претпазливи, бидејќи предизвикуваат повеќе штета отколку што можеме да претпоставиме.

На отворен простор да, но, не и во затворен карактеристичен за зимски денови.

Се наоѓаме во ерата на рекламна експанзија  и зголемена продажба на ваквите производи, без притоа да ја знаеме темната вистина затскриена помеѓу светлите пламени и пријатната арома.

Најголемиот дел од произведените свеќи се направени од парафински восок, нус производ во процесот на рафинирање на нафта, или најлошо од најлошото.

Во една студија на Државниот универзитет на Јужна Каролина, истражувачите за својата анализа користеле  запалени свеќи во затворена кутија, во период од 6 часа. Квалитетот на воздухот бил предмет на анализа и студијата заклучува дека парафинските свеќи (најпопуларните на пазарот) при согорување  испуштаат токсични хемикалии како толуен и бензен, познати по својата канцерогеност.

Човекот кој со години и зачестено пали свеќа се изложува на ризик од вдишување на овие опасни загадувачки материи во воздухот и истите може да бидат причина за повеќе здравствени проблеми, како алергии, астма и во најлош случај канцерогени болести – вели Рухула Масуди, професор по хемија  на Државниот универзитет во Јужна Каролина.

Аромата е подеднакво опасна, бидејќи во текот на изминатите 50 години, 80 до 90 % од мирисите  се синтетизирани од нафта, а  најчесто пронајдените штетни хемикалии во миризливите производи се ацетон, фенол, толуен, бензил ацетат и лимонен.

Сепак, доколку не можете да одолеете и не сакате да се откажете од задоволството што го пружаат овие мали светкави пламенчиња, дозволете си побезбедна и зелена опција, свеќи изработени од пчелин восок, збогатени со аромата од етерични масла.