Честит 21 јуни – Ден на Охридското Езеро

Со цел да се потенцира потребата од интегрален пристап за заштита на Охридското Езеро од двете страни на границата, пред 19 години е донесена одлука 21 јуни да биде прогласен за Ден на Охридското Езеро. Одлуката е донесена на заедничкиот Меѓудржавен Комитет за управување со Охридското Езеро. Соласно таа одлука секоја година овој датум се бележи во еден од трите града на езерото, Охрид и Струга од македонска страна и во Поградец од албанска страна. 21 јуни е одреден како ден, зошто тоа е и датумот кога се бележи и пристигнувањето на летото, а со тоа започнува и интензивната фаза на туристичката сезона.

По 19 години остануваат многу прашања отворени. Дали езерото е доволно заштитено и дали се води доволно грижа за него. Дали агресивната урбанизација и узурпација на крајбрежниот простор ќе остави несогледливи последици. Дали од град на УНЕСКО, ќе се претвори во загрозено п.драчје. Дали колекторскиот систем со пречистителната станица функциоинираат, ..

Нека е честит денешниот ден, Денот на Охридското Езеро.

Оваа година домаќин на одбележување на денот на езерото е Охрид, а свеченостите ќе започнат од 12 часот на градското пристаниште.

Пред присутните граѓани ќе се обратат градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец. Во рамки на културно уметничката програма ќе настапат најмладите од охридските градинки, ученици од ОУ Братство Единство со мултиетнички сплет, охридската група Везилка, КУД Ѓердан, а ќе се одржи и изложба на подводни фотографии од Нуркачкиот центар Акватек. Присутните ќе имаат можност да видат нуркачка опрема, опрема за спасување на вода и планини од општинскиот Црвен крст.

Манифестацијата ќе заврши со дефиле на едриличарските, клубовите за кајаци и други клубови за спорт на вода.