Чернобил, местото на најголемата нуклеарна катастрофа во историјата, станува гигантски соларен парк. Новата електрана од еден мегават се наоѓа на само стотина метри од новиот “саркофаг”, огромна метална купола што ги носи остатоците од несреќата во Чернобил во 1986 година, најголемата нуклеарна катастрофа во светот.

„Оваа соларна електрана може да ги покрие потребите на село со околу 2000 жители“, вели Yevgen Varyagin, шеф на украинско – германската компанија Солар Чернобил, која го спроведе проектот.

За овој проект потрошени се еден милион евра за структурата која има околу 3.800 фотоволтаични панели на површина од 1,6 хектари, што е еднакво со големината на две фудбалски игралишта, и се надева дека инвестицијата ќе се исплати во рок од седум години.

Украина, која престана да купува природен гас од Русија во последните две години, се обидува да го искористи потенцијалот на ненаселената зона во Чернобил што ја опкружува оштетената нуклеарна централа.

По катастрофата во 1986 година, советските власти евакуираа стотици илјади луѓе, такашто оваа огромна територија, со површина од 2.000 квадратни километри, остана напуштена.

Инсталирањето на огромна купола над урнатините на оштетениот реактор пред нешто повеќе од една година овозможи реализација на соларен проект.

Финансирана од меѓународната заедница, ја опфати старата бетонска структура која станала распукана и нестабилна, со цел да се обезбеди поголема изолација на високорадиоактивната магма во реакторот.

Како резултат на тоа, нивото на радијација опадна на само една десеттина од претходните нивоа, покажуваат официјалните бројки.

И покрај тоа, сѐуште се потребни мерки на претпазливост, такашто соларните панели се фиксираат на база на бетонски блокови, наместо да се ставаат на земја, која и понатаму е контаминирана.

Минатата година конзорциумот комплетираше соларна електрана од 4,2 мегавати во озрачената зона во соседна Белорусија, недалеку од Чернобил.

Украинските власти им понудија на инвеститорите речиси 2.500 хектари  за потенцијална изградба на соларни електрани во Чернобил.

Киев доби околу 60 предлози од странски компании, меѓу кои и американски, кинески, дански и француски, кои размислуваат да учествуваат во идните соларни проекти во областа.