Бесплатно одлагање на кабастиот отпад во центрите за отпад во Карпош, Вардариште и Шуто Оризари

 

Со цел за подобрување на состојбата на јавната хигиена во градот, граѓаните ќе имаат можност својот кабаст отпад, бесплатно да го одложат во центрите за селекција на отпад во Карпош и Вардариште, како и претоварната станица во Шуто Оризари. Одлагањето ќе треба да го извршат со сопствен превоз, а доколку имаат потреба од услуги на специјални возила, тогаш за истите, би требало да ги контактираат службите на ЈП “Комунална хигиена”, на бесплатната телефонска линија 088822233.

Законот за јавна чистота на Република Македонија, забранува, кабастиот отпад, како и градежниот шут да се одлага во садовите за отпад, како и на јавните површини и за секое непочитување се предвидени одредени санкции што ги спроведуваат  инспекциските служби на Градот Скопје и на општините.

Сега, им се дава можност на граѓаните кабастиот отпад како што е: дотраениот и застарен мебел,електрични и електронски апарати и сл., без паричен надоместок да го одложат во некој од гореспоменативе центри, во период од 7 до 19 часот.

Ова, денеска беше соопштено на прес-конференцијата,  од страна на директорот на ЈП “Комунална хигиена” и раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје.

Од Инспекторатот се најавуваат и засилени контроли на терен во однос на одлагањето на сметот и се упатува апел до граѓаните да се пријавуваат сите воочени нерегуларности во овој поглед.