БЕСПИЛОТНО ЛЕТАЛО  ВО ЛОВ НА ЗАГАДУВАЧИТЕ НА СКОПЈЕ!

Град Скопје со беспилотно летало планира да ги лоцира изворите на загадување во главниот град. Почнувајќи од викендов, Град Скопје започна со 3Д мапирање на критичните точки за загадување на воздухот. Според надлежните, ова е една од мерките со кои се планира градот да се справи со еден од најгорливите проблеми со коишто се соочува во моментов.

– ”Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Мерните станици покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички токму во овие делови од градот. Сега, со 3Д мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Убедени сме дека со вакви акции ќе ги елиминираме причинителите на загадувањето, еден по еден” – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Според Салиху, интензивно се работи на решавање и справување со загадувањето  и дека се изречени двојно повеќе казни за прекршителите во однос на октомври минатата година. Исто така, се апелира граѓаните доколку забележат палење на огнови на отворено и било какви други активности коишто се недозволени, истите да ги пријавуваат на телефонскиот број 193, а не на социјалните мрежи, за да може навремено да се реагира и да се спречат ваквите дејствија, a прекршителите соодветно да се санкционираат.