Новите пожари кои се појавија изминатите два дена дополнително го зголемија интензитетот на уништување на амазонските шуми, а со тоа и притисокот врз бразилскиот претседател Жаир Болсонаро да преземе ефикасни мерки за гаснење на пожарите.

Националниот институт за истражување на вселената (ИНПЕ), истакнува дека изминативе два дена избувнале нови 1663 пожари, поради што е ангажирана и бразилската армија, а на терен се испратени авиони и 44 илјади војници за да се справат со огненита стихија.

Судбината на Амазонските шуми која безмилосно се уништува од пожарите, е во фокусот и на самитот на Г-7, што се одржува во францускто местот Бијариц.

Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот го обвини бразилскиот претседател Болсонаро дека „лажел“ кога зборувал дека ќе се заложи за заштита на животната средина и најави дека Франција во такви околности ќе се спротивстави на договорот ЕУ-Меркосур.

ЕУ и Меркосур – блок на земји што ги опфаќаат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, постигнаа политички договор на крајот на јуни за нов трговски договор кој треба да создаде можности за обете страни да растат одржливо додека гарантираат заштита на животната средина и заштита на интересите на потрошувачите во ЕУ.

Гласот за заштита на амозонските шуми го кренаа и илјадници граѓани кои со извиците „Зачувај го Амазон“, протестираа во Сао Паоло и Рио де Жанеиро во петокот, а протести се одржаа пред бразилските амбасади и конзулати во различни земји на покана на невладини организации.