ЕКО акцијата во Општина Центар продолжува со нова ЕКО ЗОНА во ГТЦ

0
369

Општина Центар, во соработка со колективниот постапувач „Нула отпад“ од Скопје, го продолжува проектот за собирање на отпадната електрична и електронска опрема од домаќинствата насловена: „Донеси стар уред и земи ваучер со попуст за нов.“

Од денес граѓаните ќе можат старите и дотраени телевизори, машини, шпорети и други електрични уреди да ги остават во новопоставената ЕКО ЗОНА во срцето на општината во Градски Трговски Центар.

Проектот започна во 2016 година со акции во урбаните заедници и континуирано се спроведува трета година по ред. На овој начин, Општината ги исполнува законските надлежности согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и спроведува редовно организирано собирање на отпадот од својата територија.

Современиот начин на живот наметнува купување на нови електрични и електронски уреди, а со тоа исфлање на старите, дотраени уреди. Електричниот и електронскиот отпад иако навидум делуваат како нетоксичен отпад, нивното несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање на тешки метали во воздухот, водата и почвата, кои што сериозно делуваат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина.

Во текот на минатите години, во Општина Центар, успешно функционира организиран систем за собирање на отпадот од домовите, преку акција во сите урбани заедници. Граѓаните  може да се пријават кај Координаторите на урбаните заедници или на ЕКО ЛИНИЈАТА на Нула Отпад 070 236 000, наведувајќи каков тип и колку отпад поседуваат, по што колективниот постапувач Нула отпад, согласно списоците за евиденција за секоја урбана заедница, спроведува подигнување на отпадот, директно од домовите на граѓаните. Отпадот, понатаму безбедно се пренесува до фирма рециклатор, за понатамошна постапка.

Секој граѓанин, има право да добие ваучер од Техномаркет, или вредноста на ваучерот да се донира за уред во социјално загрозено семејство. Досега, од територијата на Општина Центар, собрани се вкупно околу 21 тони отпад, кои што ќе завршеа во контејнерите или во неорганизираните депонии.

Воедно позитивен пример дадоа и образовните институции на територија на Општина Центар, од каде најмладите кои растат и се развиваат на правилен начин ја пренесуваат пораката со што старите и неисправи уреди одговорните лица од овие институции правилно ги предаваат и организираат. Градинката Кочо Рацин – Детска градинка Наум Наумовски Борче доби донација телевизор.

Од оваа година, Општина Центар и колективниот постапувач „Нула Отпад“ од Скопје ги повикуваат и правните лица кои што поседуваат електричен и електронски отпад да се вклучат во акцијата и преку организиран начин на подигнување, со јавување до Координаторите или на инфо линијата во Нула отпад, да го пријават и предадат отпадот, за да ги исполнат законските обврски за управување со електричен и електронски отпад.