АХВ ќе врши контрола на пазарот, дали храната има јонизирачко зрачење?

Во текот на наредниот месец, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе започне да контролира дали увозната храна во државата е третирана со јонизирачко зрачење.

Инспектори на АХВ, кои ќе поминат специјализирана обука, ќе ги вршат испитувањата во лабораторија на Факултетот за електротехника и информациски технологии, служејќи се со опрема од Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена.

Како што вели директорот на АХВ – Зоран Атанасовски, јонизирачко зрачење претставува иновативна технологија со која се продолжува рокот на траење, квалитетот и безбедноста на храна. Оваа технологија ги уништува микрооранизмите на површината на храната и воопшто не е штетна.

Храната третирана со јонизирачко значење мора да биде обележана со зборовите – озрачена или – третирана со јонизирачко зрачење.

Треба да се знае дека не станува збор за контрола на безбедноста на храна, туку за право на потрошувачите да знаат каква храна конзумираат. Секоја храна произведена со оваа технологија мора да биде означена, рече денес Атанасовски.

Се претпоставува дека при увозот во државава влегува ваква храна, бидејќи постојат земји кои ја третираат храната со оваа технологија. Во домашното стопанство на Македонија сеуште не е регистрирано вакво произвоство, а доколку некоја компанија сака да примени ваква технологија ќе треба да добие дозвола од АХВ и Дирекција за радијациска сигурност.

Согласно Правилникот на АХВ за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење дозволено е да се врши третман на суви билки, зачини, суво овошје и зеленчуци, што е усогласено со европската легислатива.

Професорката Христина Спасевска при Факултетот за електротехника, која воедно е и координатор на проектот, објасни дека процесот на третирање со јонизирачко зрачење е сличен на процесот стерилизација на храна, која ја вршиме и во домашни услови, со топлинско зрачење. Разликата е што јонизирачко зрачење е ладна стерилизација и не користи топлина со која се уништуваат некои хранливи материи. Со јонизирачкото зрашење им се додава квалитет на производите – изјави Спасевска.

Како што најави АХВ, во партнерство со ФЕИТ во Скопје и Биотехнички факултет од Битола, ќе се спроведе нов двегодишен проект „Зголемување на капацитетите во Република Македонија за користење на нуклеарни техники за безбедност и детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење”, кој целосно ќе биде финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).  Се очекува проектот да обезбеди и опрема за детектирање храна од месо и млечни производи.