Аерозагадувањето во Тетово ги изнесе средношколците на улица!

Тетово протестира за чист воздух!

Долгогодишното загадување на воздухот во Тетово, како и показателите од научните истражувања, кои укажуваат на загрижувачки 38%  смртност (од вкупната во градот), предизвикана од загадениот воздух, се причините поради кои денес тетовските средношколци излегоа на протест.

Протестот против аерозагадувањето, којшто беше најавен преку социјалните мрежи со официјално соопштение, во кое се изнесени горенаведените факти, денес во осум часот беше реализиран од страна на загрижените ученици, кои секако спаѓаат во категоријата на ризични граѓани, по однос на ова прашање.

Собирниот пункт беше на градскиот плоштад, а потоа се маршираше низ градот, до општинската зграда.

Како што наведуваат во соопштението, протестот всушност представува јавно изразување на револтот против енормната загаденост на градот и индиферентниот однос и  непревземањето на никакви мерки од страна на надлежните институции.

Доколку во рок од од 7 дена од почетокот на протестот  не бидат имплементирани конкретни краткотрајни мерки, кои значително ќе го ублажат аерозагадувањето, како и долготрајни мерки кои ќе го превентираат истото во иднина, учениците најавија  БОЈКОТ НА НАСТАВАТА.