Аерозагадувањето повторно ја постави Македонија во врвот на најзагадените земји во светот. Во услови на пандемија и високи бројки на заразени од корона вирус, целата ситуација е исклучително искомплицирана.  Минатата вечер најзагаден беше воздухот во Куманово, а мерните станици висока загаденост покажуваа во Гостивар, Тетово, Струмица, Штип, Охрид и Свети Николе.

Денес во утринските часови мерните станици покажуваа дека воздухот е најзагаден во Кавадарци, Тетово и Кочани.

Во Градот Скопје најалармантна е состојбата во Кисела Вода, Аеродром и Автокоманда, каде загадувањето на воздухот беше неколку пати над дозволеното. Денес на апликација „Мој воздух“ со „опасен квалитет на воздухот“ беа одбележани Бардовци и Кучково, а висока загаденост има и во Карпош, Лисиче и Центар.

На светско ниво, минатата вечер Скопје беше на шестото место по загаден воздух. На првите три места вчера најзагадени градови во светот беа Делхи, во Индија, Лахоре во Пакистан и на трето место Калкута во Индија.