Аерозагадувањето ги обедини скопјани – протест пред Инспекторатот!

Под мотото „Станете за чист воздух“ денес, пред Инспекторатот на Град Скопје беше организиран протест на загрижените граѓани.

Револтираните граѓани решија својот став и незадоволството од моменталната состојба во врска со загадувањето на воздухот, јавно да го искажат пред институциите.

Со транспаренти на коишто јасно е прикажано незадоволството од несериозното третирање на проблемот, граѓаните сакаат да допрат до ушите на оние, кои сметаат дека се главните виновници.

”Се прави малку, или воопшто не се прави ништо за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Свесни сме дека за еден ден не може да се направи ништо, но, време е да се отпочне и доста веќе со одлагања ” – реагираат граѓаните.

”Доста беа ветувања, покажете се на дело,  предвидениот буџет од 1,5 милиони денари за следната година е несериозен и недоволен. Здравјето на граѓаните е на прво место, а во вакви услови тоа  ни е ускратено. Како да одгледаме здрави поколенија, ако немаме чист воздух? ” – се само дел од денешните реакции.

Денешниот протест имаше за цел да укаже на одговорните институции да превземат соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки, а дали нешто и колку ќе биде спроведено, останува да видиме.