Градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев најавува проект за справување со проблемите предизвикани од зголеменото загадување на воздухот со ПМ 10 честичките.

Како што информираат од кабинетот на Градоначалникот на општина Кавадарци, следната недела во среда ќе се монтираат 33 прочистувачи на воздух во сите занимални на детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци. Ова е само мал дел од проектот на Градоначалникот Митко Јанчев „За чисто Кавадарци“. Овие прочистувачи се донација од компанијата “Екотип“ од Скопје од брендот “Блу ер“, а инвестицијата изнесува 10.000 евра.

Проектот „За чисто Кавадарци“ започна преку проектот „Мој општинар“ со чистење на сите помали и поголеми диви депонии во Општина Кавадарци. Овие прочистувачи се втора мерка од овој проект, а во иднина следуваат уште акции преку кои ќе се залагаме за почисто Кавадарци,- се вели во информацијата од кабинетот на Градоначалникот Митко Јанчев.