Прашањето за заштита на животната средина и образованието е толку важно што Светскиот ден за образование на животната средина се слави повеќе од еднаш годишно. Светскиот конгрес за едукација на животната средина (WEEC) своите активностите започна да ги одржува од 14 октомври, а најголемиот дел од еколошките организации Денот на образованието за животната средина го слават на 26 јануари.

Резултатите од сите наши напори да ја одржиме животната средина чиста ќе бидат краткотрајни доколку не посветиме доволно внимание на образованието за животната средина. Еколошкото образование е мултидисциплинарно поле кое има за цел да ги научи поединците и заедниците, како луѓето можат да управуваат и да се однесуваат со екосистемите, со цел заедничко одржливо живеење. Со други зборови, образованието за животната средина е дизајнирано да нè научи како да живееме во склад со природата и да го намалиме влијанието на човекот врз животната средина.

Современото движење за образование на животната средина се здоби со меѓународно признание и значителен интензитет, како резултат на Конференцијата на ООН за животна средина што се одржа во Стокхолм во јуни 1972 година. На 21-та пленарна седница на Конференцијата, беше усвоена таканаречената Стокхолмска Декларација. Документот содржи 26 принципи кои се однесуваат на животната средина и одржливиот развој. Еден од принципите беше „Образованието на животната средина е неопходно“.

Главната задача на Светскиот ден на образованието за животна средина е да се потенцира важноста на образованието за животната средина како научна дисциплина која посветува особено внимание на социјалната димензија на проблемите со животната средина и да се фокусира на создавање на еколошка свест, знаење, вештини и мотивација за решавањее и спречување на еколошките проблеми.