26 Април 1986! Чернобил, 32 години потоа…
26 април 1986 година, е денот кога се случи најголемата несреќа во историјата на нуклеарните централи. Чернобилската нуклеарна катастрофа и денес после 32 години демнее како голема опомена за сериозноста од работењето на нуклеарните централи по здравјето на луѓето и животната средина и става неизбришлив силен печат дека несмее да има импровизации во користењето на нуклеарната енергија.
Нуклеарната катастрофа во Чернобил се случила по експлозијата на четвртиот реактор на нуклеарната електрана „Лењин“, во 01:23 часот на 26 април 1986 година по московско време. По првата експлозија следеле уште неколку силни експлозии и пожари кои создале голем радиоактивен облак во атмосферата, кој потоа започнал да шири на голема површина навлегувајќи на територијата на поголем број европски држави. Се проценува дека радиоактивниот облак бил 30 до 40 пати поголем од оној што се формирал по бомбардирањето на Хирошима во 1945 година.

Радиоактивниот облак за неколкуи денови се распространил над просторот на западниот дел на тогашниот СССР, делови од централна и северна Европа, со до источниот брег на Северна Америка. Големи површини од Украина, Русија и Белорусија биле тешко загадени, што предизвикало евакуација на голем број на население.


Несреќата предизвикала загриженост околу безбедноста на советските нуклеарни централи, поради што запрела градбата на нови централи од истиот тип. Покрај тоа, оваа катастрофа предизвикала голем број жртви од радијацијата, како и огромни трошоци на погодените земји за деконтаминација и здравствена заштита.
Властите првобитно се обиделе да го сокријат инцидентот, но го признале откако зголемени нивоа на радиоактивно зрачење биле регистрирани и во Шведска.
Поради високото ниво на радијација, околу нуклеарната централа поставена е забранета зона со површина од околу 2.600км², во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени. Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење.