Ден на Планетата Земја!
22 Април 2018 – Крај на загадувањето со пластика!
Денот на планетата Земја 2018 година е посветен на обезбедување на информации и инспирација потребни за фундаментално менување на човечкиот став и однесувањето околу пластика.
Основното мото за 2018 година е Крај на загадувањето пластика.

Загадувањето со пластика претставува труење на нашите води, езера, реки, мориња, океани, земјиште,…! Со повредувањето на животот во морињата директно се влијае врз нашето здравје, а огромниот пораст на производство и употреба на пластиката, денес е закана за опстанокот на нашата планета.

Како одговор на тоа, активностите и активистите преку организација ”Ден на планетата Земја” која е со седиште во Вашингтон, за Денот на планетата Земја 2018 главно ќе се фокусира на фундаментално менување на човечкиот став и однесувањето кон пластиката и превземање на мерки за значително намалување на загадувањето со пластика.

Стратегија за ставање крај на загадувањето со пластика е насочена кон:

  • Поддршка за усвојување на глобална рамка за регулирање на загадувањето од пластика;

  • Едуцирање и мобилизирање на граѓаните од целиот свет, со цел да се побара акција од владите и корпорациите за контрола и намалување на загадувањето од пластика;

  • Информирање и активирање на граѓаните да преземат лична одговорност за загадувањето со пластика, при што кај секој од нас ќе генерира состојба на избор да се одбие, намали, повторно употреби и рециклира пластиката;

  • Работа со универзитетите, наставниците и учениците, за да се спречи загадување со пластика;

  • Промовирање на активностите на градовите и локалните власти што прават за да се справат со загадувањето од пластика;

  • Да се поттикнат новинарите од целиот свет да известуваат за проблемот и за новите решенија.

Мрежата на “Денот на планетата Земја” потпирајќи се на платформа на Денот на планетата Земја – 22 април 2018 година ќе се подготвува за одбележувањето на 50 годишнина на Денот на планетата Земја во 2020 година. Ќе се работи да се изгради свет на образовани потрошувачи од сите возрасти, кои ќе ја разбираат животната средина , климата и здравствените последици од употребата на пластика.